Фудбал

МОДРИЌ МУ ПОМОГНА НА ПЕП ДА ГО ДОБИЕ ПРВОТО ЛЕТНО ЗАСИЛУВАЊЕ

Манчестер сити го договори првото летно засилување, на „Етихад“ пристигнува Тижани Рејндерс од Милан за сума од 70 милиони евра, а голем удел во реализирањето на трансферот има Лука Модриќ.

Холандскиот играч за врска се согласи на петгодишен договор со Граѓаните, па во најскоро време ќе ја задолжи небесносината опрема на Сити. Трансферот за среќа на Пеп, не се пролонгира, односно Милан не вршеше опструкции бидејќи на „Сан Сиро“ доаѓа хрватскиот ветеран Лука Модриќ, кој веќе прифатил едногодишна соработка со Росонерите.

Со оглед на тоа дека преговорите со Модриќ поминаа брзо и лесно, односно веќе во наредните денови ќе биде претставен како нов член на тимот кој сега го води Масимилијано Алегри, Милан без размислување ја прифати понудата за Рејндерс, па Сити ќе го добие холандскиот репрезентативец уште пред почетокот на Светското клупско првенство.

Граѓаните во меѓувреме треба да реализираат уште два трансфери, во Манчестер треба да пристигнат Рајан Черки од Лион за околу 40 милиони евра, како и левиот бек на Вулвс Рајан Аит-Нури, за околу 50 милиони евра.