ОСТАНАА ДА СЕ ОДИГРААТ ТРИТЕ ФИНАЛИЊА, А САМО ЕДЕН ТИМ ВО ЕВРОПА СÉ УШТЕ Е НЕПОРАЗЕН
Објавено на: 09.05.2025
Пред нас е крајот на историската сезона во натпреварувањата на УЕФА, кои првпат се одиграа во новиот лигашки формат. Големата промена во континенталните натпреварувања се покажа дека е вистински погодок, од самиот почеток гледавме возбудливи натпревари исполнети со погодоци и драма, а воeдно и увидовме дека нема непобедливи екипи.
Или сепак, има? Знаејќи дека останаа само да се одиграат финалињата во ЛШ, ЛЕ и ЛК, само еден клуб остана непоразен ако се сметаат сите три натпреварувања. Тоа е тимот на Манчестер јунајтед, кој до финалето во Лигата на Европа стигна без да претрпи пораз.
Колку за споредба со останатите финалисти, ПСЖ загуби три средби во лигашкиот дел, и тоа од Арсенал, Баерн Минхен и Атлетико Мадрид, а потоа и од Ливерпул и Астон вила во 1/8 финалните, односно 1/4 финалните двомечи. Интер беше поразен само еднаш, од Баер Леверкузен во лигашкиот дел.
Тотенхем, противникот на Јунајтед во финалето, загуби од Галатасарај во лигашкиот дел од ЛЕ, а уште еден пораз претрпе од АЗ Алкмар во нокаут фазата.
Финалистите во Лигата на конференции, Челси загуби од Легија во реваншот од 1/4 финалето, додека Бетис памети два порази од лигашкиот дел, исто од Легија Варшава, но и од Млада Болеслав, додека во нокаут фазата белгиски Гент успеа да го надигра шпанскиот прволигаш.
Фактот што Манчестер јунајтед е единствениот непоразен тим во европските натпреварувања е фасцинантен со оглед на тоа дека во Премиер лигата гигантот од „Олд трафорд“ во 35 меча претрпе дури 16 порази и се наоѓа на 15-тото место на табелата со 39 бода.