Фудбал

ШУМАРИТЕ ПО ТРИ ДЕЦЕНИИ ЌЕ ИГРААТ ВО ЕВРОПА, НО ФРУСТРИРАНИОТ ГАЗДА МАРИНАКИС МУ ОДРЖА ЛЕКЦИЈА НА ЕСПИРИТО САНТО (ВИДЕО)

Ремито од 2-2 вчера со Лестер за Нотингем форест значеше дека по пауза од 30 години Шумарите ќе играат во европско натпреварување. Во кое, засега не е познато бидејќи екипата на Нуно Еспирито Санто уште е во битка за пласман во Лигата на шампионите, иако засега е поблиску до Лигата на Европа и Конреференциската лига.

Победа над Лестер ќе го одведеше Нотингем на петтото место на табелата во Премиер лигата, па првично се испостави дека токму поради резулатот револтираниот газда Евангелос Маринакис излезе на теренот по мечот за да се расправа со португалскиот стратег.

Сепак, подоцна се откри дека целата расправија била околу Таиво Авонији, кој очигледно не закрепнал целосно од повредата, а Еспирито Санто го пушти во игра во последните минути.

Маринакис потоа ја објасни целата ситуација:

„Денес е ден за славје, затоа што по 30 години пауза ќе играме на европската сцена. Ова ветување го дадов кога обезбедивме промоција во Премиер лигата пред неколку години. Сите во стручниот штаб, играчите, но и играчите и навивачите беа фрустрирани со ситуацијата на Авонији. Медицинскиот тим направи лоша проценка околу неговата состојба со повредата, не требаше да игра. Но сепак, ова е нормално бидејќи покажува колку сме страствени и колкав напор вложуваме за клубот да остварува успеси. Да бидеме благодарни и да продолжиме да сонуваме“, рече Маринакис.

На две кола до крајот, трката за последните места кои водат во Лигата на шампионите е пеколна. Њукасл е трет со 66 бода, еден помалку има Сити, Челси и Астон вила имаат по 63 бода, а зад нив е Форест со 62 бода.