Фудбал

АНАЛИЗАТА НА АНГЛИСКИТЕ ЕКСПЕРТИ ЗА ДЕ БРУЈНЕ КОЈА ОСТАРЕ КАКО МЛЕКО: НЕ ВРЕДИ 50 МИЛИОНИ ФУНТИ (ВИДЕО)

Кевин де Брујне и официјално потврди дека ги игра последните натпревари во дресот на Манчестер сити, а по крајот на сезоната ќе ја напушти Англија за да одбере клуб каде што ќе ја заврши кариерата. Белгискиот виртуоз ги благословува англиските терени во Премиер лигата веќе една деценија, освојувајќи сѐ што може да се освои со Граѓаните на клупско ниво, а кога ќе замине дефинитивно ќе се смета за една од најголемите легенди на клубот од Манчестер.

Оваа прилика ја користиме да се потсетиме на анализата на експертите на „Скај спортс“ кои го прокоментираа неговиот трансфер во Сити во летото 2015 година. Меѓу „експерите“ е и Пол Мерсон, поранешниот член на Арсенал и Астон вила, кој тврдеше дека Де Брујне не вреди за парите кои Сити ги издвои да го откупи неговиот договор од Волфсбург.

„Светот отиде во неповрат, како може Сити да плати толкава сума на пари за ова момче? Апсолутно лудило… Верувам дека е добар играч, но дали е и одличен играч кој би вредел 50 милиони фунти со оглед на тоа за кои екипи играше досега“, на што Мерсон се надоврза:

„Сметам дека Мурињо не погреши што го продаде. Клубот оствари профит од речиси 10 милиони фунти без Кевин да одигра важна улога во тимот на Челси. Видовме дека веќе не се снајде во еден голем англиски клуб, не гледам како сега вреди толку многу пари и како ќе ги оправда“, истакна „искусниот“ Пол Мерсон.

Најдобар одговор на овие коментари е комплената кариера на Белгиецот по 10 години на „Етихад“: 6 титули во Премиер лигата, 5 трофеи во Карабао, 2 ФА купови, Лига на шампиони, УЕФА Супер Куп, Светско клупско првенство, бројни индивидуални награди и над 280 погодоци и асистенции.