Фудбал

СИ ЈА УНИШТИ ЛИ КАРИЕРАТА? ЗА ДИВОТО УРЛАЊЕ КОН СУДИЈАТА, ФОНСЕКА ДОБИ 9 МЕСЕЦИ СУСПЕНЗИЈА

Пауло Фонсека го остави Лион без тренер во следните 9 месеци, откако дисциплинската комисија на Лига 1 му изрече ригорозна казна за дивеењето кон судијата Беноа Миљо.

Португалскиот стратег беше толку многу агресивен кон арбитарот што малку недостасуваше да прерасне во физичка пресметка, а откако доби црвен картон здиве уште повеќе, па неговите колеги како и играчите на Лион мораа да интервенираат и да го отстранат од теренот. Инцидентот се случи за време на викендашкиот дуел против Брест, кој Лион го доби со 2-1.

До 30 ноември на Фонсека му е забранет пристап до клупата на неговиот тим, како и соблекувалните, додека не смее да контактира со своите играчи пред и по натпреварите најмалку до 15 септември годинава. Суспензијата може да стапи на сила и за меѓународните натпреварувања на УЕФА доколку француската фудбалска федерација го предложи тоа до Европската фудбалска куќа.

Така, Лавовите ќе бидат без тренер во финишот на актуелната сезона, како и во првата третина од следната 2025/26 сезона. Се чини дека кариерата му оди во надолна линија откако доби отказ од Милан, а тренерската работа во Лион ја презеде на 31 јануари.

Комичниот момент во целата невкусна ситуација е што Фонсека суспензијата ја доби вчера, кога го славеше својот 52-ри роденден.