АНГЛИСКИТЕ МЕДИУМИ ВЕЌЕ ГО ГЛЕДААТ АМОРИМ КАКО „БИВШИ“, НАЈАВИЈА ТРОЈЦА НАСЛЕДНИЦИ НА КЛУПАТА НА ЈУНАЈТЕД
Објавено на: 06.03.2025
Од Островот протекоа шпекулации дека на Рубен Аморим ги губи кредитите на „Олд трафорд“, односно дека би можел наскоро да биде отпуштен и управата на Манчестер јунајтед да доведе нов тренер пред или по крајот на актуелната сезона.
Португалскиот стратег го презеде жешкото столче во ноември минатата година со задача да ги подобри резултатите на екипата која не ги остваруваше со Ерик Тен Хаг. Ѓаволите платија 10 милиони евра за услугите на 40-годишниот Аморим, а ќесето ќе им биде полесно за 20 милиони евра доколку одлучат да го разрешат екстренерот на Спортинг Лисабон.
Иако ко-сопственикот Џим Ретклиф упорно крати на трошоци и презема ригорозни чекори да ги подобри финансиите на клубот, нова тренерска смена не делува на логичен економски потег. И покрај тоа, најавени се тројца наследници на Аморим, а тоа се Максимилијано Алегри, Хулен Лопетеги и Јоаким Лев.
Алегри и Лев имаат шампионско реноме и не е првпат да се поврзуваат со клупата на Јунајтед, но Лопетеги во два наврати не остави добар впечаток во Премиер лигата, бидејќи добиваше откази од Вулверхемптон и Вест хем сезонава.
Инаку, Јунајтед е на 14-тото место во Премиер лигата со 33 бода по 27 натпревари, додека единствена шанса да освои трофеј е Лигата на Европа.