ВАН НИСТЕЛРОЈ НА КОРМИЛОТО ДОДЕКА НЕ СЕ НАЈДЕ ДОЛГОРОЧНО РЕШЕНИЕ
Објавено на: 28.10.2024
Ерик Тен Хаг од пред еден час повеќе не е тренер на Манчестер јунајтед откако управата одлучи да го разреши од позицијата. По две и пол сезони холандскиот стратег не успеа да ги оствари ветувањата кои ги даде кога пристигна на „Олд трафорд“, а по поразот од Вест хем вчера челниците на клубот рекоа дека е доста од оваа агонија.
Катастрофалните два и пол месеци од новата сезона му пресудија на Тен Хаг, додека потрагата по нов менаџер веќе е почната. Руд Ван Нистелрој, асистентот на Тен Хаг, привремено ќе ја преземе улогата на предводник на екипата додека не се најде долгорочно решение. Први предизвици на Ван Нистелрој ќе му бидат Лестер во среда во рамките од Лига Купот, додека во недела Црвените ѓаволи ги чека дерби против разиграниот Челси.
Наводно, претставници на Јунајтед пред неколку дена се сретнале со Чави Ернандес околу можна соработка, што значи дека екстренерот на Барселона е прв кандидат за жешкото столче на Театарот од соништата. Герет Саутгејт, Един Терзиќ и Рубен Аморим се имињата кои исто така се на списокот за можни наследници на Тен Хаг. Терзиќ е без ангажман откако го напушти Дортмунд по крајот на минатата сезона, додека Аморим е поблиску да го наследи Гвардиола во Сити доколку Пеп одлучи оваа сезона да му е последна на „Етихад“. Саутгејт пак, неодамна ја напушти позиција на селектор на Англија, па можеби по подолго време да се врати во клупскиот фудбал и да го прифати големиот предизвик.
Долго време навивачите на Јунајтед сонуваат за Зинедин Зидан, но француската фудбалска легенда воопшто не размислува за нов ангажман по Реал Мадрид, се чини дека чека шанса да биде селектор на својата Франција.