Фудбал

СВЕТЦИТЕ ИСТОРИСКИ ГО ЗДРОБИЈА БАЕРН СРЕДЕ МИНХЕН

Француската екипа уште во првиот обид му наплати на актуелниот европски клупски владетел, барем со една и тоа колку квалитетна од вкупно двете предвидени рати, во рамките на 1/4 финалната елиминациска фаза во Лигата на шампионите, за болниот пораз од 1:0 во елитното финале што овие две екипи го одиграа минатата сезона.

Новиот кормилар Покетино и ПСЖ со 2:3 и го нанесоа првиот домашен пораз на баварската фудбалска институција, по повеќе од две години. Екипата од кралското предградие на француската престолнина, порано гратче во кое се раѓале француски владетели, е на добар пат да си ја врати самодовербата со која лани атакуваше на тронот.

На Каталонците уште им ѕвонат главите од дебаклот 1:4 на Камп Ноу во претходната фаза, а сега истото им се заканува и на фудбалерите на Ханси Флик, кои, ќе се потсетиме, ја освоија круната без пораз и на кои ова им е прв загубен дуел по 19 елитни меча (18 победи, 1 реми), иако имаа неверојатни 31-на шанса за гол и тоа без гол-машината Левандовски.