ФРЕНКИ ДЕ ЈОНГ – НАЈСКАПИОТ ПРОБЛЕМ ВО БАРСЕЛОНА
Објавено на: 10.09.2024
Френки Де Јонг и натаму не може да му се стави на располагање на Ханси Флик, откако неколку каталонски извори денес посочија дека закрепнувањето од повредата на зглобот не се одвива како што беше планирано.
Имено, неговиот камбек на терените е непознат, а во меѓувреме не ги слуша советите на клупските лекари во Барселона и се потпира на други алтернативи. Во Барселона му велат дека треба да се оперира, на што Де Јонг одбива да прифати, а поради тоа има ризик повредата да му стане хронична. За време на рехабилитацијата, фудбалерот е во константни консултации со надворешни лекари и специјалисти, па затоа останува енигма за Каталонците кога ќе закрепне.
Холанѓанецот продолжува да тренира под свој режим, но сè уште се нема приклучено на екипата, па така планот да биде во конкуренција за настап по репрезентативната пауза падна во вода.
Згора на сè, Де Јонг е проблематичен и од финансиски причини. Веќе со месеци одбива да се ревидира неговиот договор што го прави најплатен играч во Ла Лига со 18 милиони евра годишна нето плата. Неколкупати посочи дека не планира да го напушти клубот пред да му истече договорот во јуни 2026 година, а енормната плата ја спречуваше Барселона да ги оствари сите трансфер-цели ова лето. Се чини дека и натаму ќе биде пречка…