Е-СПОРТ ОЛИМПИСКИ ИГРИ ВО 2025 ГОДИНА
Објавено на: 24.07.2024
На два дена од отворањето на Олимписките игри во Париз, светскиот Олимписки комитет соопшти дека од следната година ќе се одржуваат Олимписки игри во е-спортови. Првото издание на е-спорт ОИ ќе се одржи во Саудиска Арабија, односно според договорот со Олимпискиот комитет на Саудиска Арабија, овие игри ќе се одржуваат редовно во азиската земја во следните 12 години.
Веќе неколку години се размислуваше и работеше на проект во кој е-спортовите ќе се вклучат како олимписка дисциплина, но со оглед на широкиот спектар на видео-игри и професионални е-спортисти, беше невозможно да се одреди кој е-спорт и кои е-спортисти би добиле шанса да бидат дел од Олимписките игри.
Поради тоа се формираа посебни ОИ, специјално за виртуелните спортисти, а дел од дисциплните ќе бидат најпопуларните видео-игри како „Dota 2“, „FIFA“, „Counter Strike“, „Formula One“ „NBA 2K“. Лани во Сингапур се одржа инаудуралната Олимписка е-спорт недела каде стотици спортисти се натпреваруваа во 10 различни виртуелни спортови.
Она што може да ја интересира македонската публика е дали Мартин Саздов „Saksa“, еден од најдобрите играчи во Dota ќе биде наш претставник на првите е-спорт ОИ, како и нашата Counter Strike репрезентација која во два наврати ја освои европската титула во Б дивизија.