ЕВРО 24

РОНАЛДО Е ЛАДЕН КАКО ШПРИЦЕР КОГА ШУТИРА ПЕНАЛИ, НО Е ПОД СТРЕС КОГА ШУТИРААТ СОИГРАЧИТЕ

Технологијата која со години е имплементирана во спортот, особено во фудбалот, ни дава можност да ги следиме сите можни параметри на фудбалерите кои се на терен, преку која може да се откријат интересни детали.

Таков беше случајот со Кристијано Роналдо и пеналите во дуелот против Словенија во 1/8 финалето на Европското првенство. Уредите кои играчите ги носат под дресовите за да се следи нивната физичка работа, открија дека Кристијано бил ладен како шприцер кога ги изведувал ударите од белата точка.

За пеналот кој во 115-тата минута му го одбрани Облак, Роналдо има 100 отчукувања во минута, што е на граница на нормалното. Истата бројка ја добил и за обидот во пенал-серијата, кој го реализира и го најави пласманот на Португалија во следната фаза.

А, кога дошло на ред да шутираат Бруно Фернандес и Бернардо Силва, Роналдо има 125, односно 170 отчукувања на срцето во минута, што значи дека бил далеку понервозен кога одговорноста е дадена на негов соиграч.