Фудбал

СЕ РЕДАТ ПРИЗНАНИЈАТА ЗА БОЈАН – МИОВСКИ Е ИГРАЧ НА СЕЗОНАТА ВО АБЕРДИН

По изборот во најдобрите 11 во Шкотска за тековната сезона, Бојан Миовски доби уште една награда, овојпат од својот клуб Абердин.

„Благодарност до сите навивачи кои гласаа за мене. ми покажавте колку ви значи сето она што го правам на терените во дресот на Абердин. Овие награди се потврда дека сè што правам за клубот е со срце, така и ќе продолжам“, порача Миовски.

Македонскиот репрезентативец е избран за најдобар клупски фудбалер за сезоната 2023/24, сосема заслужено крунисување на неговата извонредна форма. Миовски сезонава постигна вкупно 24 погодоци, од кои 14 му се во шкотското првенство, подобрувајќи го својот личен рекорд од лани кога имаше 18 гола.

Миовски веќе две сезони е најзвучно име на Абердин, но се чини дека неговата авантура на Островот полека завршува, бидејќи има бројни заинтересирани клубови за неговите услуги, пред сè конкретен интерес покажува холандскиот гигант Феенорд.