Фудбал

ТУХЕЛ ПРИЈАТНО ИЗНЕНАДЕН: МИЛО МИ Е ШТО НАВИВАЧИТЕ САКААТ ДА ОСТАНАМ

На големо изненадување, и покрај тоа што Баерн Минхен првпат по 11 сезони не е шампион на Германија, навивачите сакаат Томас Тухел да остане тренер на првиот тим.

Наводно, баварските фанови покренале петиција која веќе собрала над 10.000 потписи за Тухел и следната сезона да го води гигантот од Минхен, потег кој пријатно го изненади Германецот.

Пораката која навивачите ја испратија преку петицијата гласи:

„И покрај негативното влијание од страна на медиумите, како и бројните повреди во тимот, освојувачот на ЛШ го однесе нашиот тим до полуфиналето во најелитното клупско натпреварување. Со сета почит, тренери како Рангник и Емери можат вода да му носат на Тухел. Имајќи во предвид дека следната сезона финалето во ЛШ ќе се игра на „Алијанц арена“, би биле среќни доколку тимот до таму го води токму Томас Тухел“, пишува во петицијата.

Екстренерот на ПСЖ и Челси во моментот кога го замени Нагелсман потпиша договор со Баерн до јуни 2025 година, а навивачите посакуваат таа потпишана соработка да се испочитува до крај. Тухел во меѓувреме најави дека ја отстапува клупата, а од вчера е познато дека раководството е во напредни преговори со Ралф Рангник да биде новиот предводник на екипата.

„Мило ми е што навивачите сакаат да останам, но тоа не е наш приоритет моментално. Фокусирани сме на финишот на сезоната, а потоа ќе преминеме на други теми“, изјави Тухел.