НАЈДОБРИТЕ НЕ ГО ДОЧЕКАА ПЕНАЛ-РУЛЕТОТ, ПЕП ОТКРИ И ЗОШТО
Објавено на: 18.04.2024
Реал Мадрид му ја одзеде шансата на Манчестер сити да го брани пехарот со големите уши, откако Кралевите вчеравечер беа подобри пеналџии во рулетот по кој се доби и последниот полуфиналист во овогодинешното издание во Лигата на шампионите.
Тимот на Анчелоти славеше со 4-3 во пеналите по нерешените 1-1 во 120 минути борба, а токму во најважниот дел од мегадуелот, Граѓаните не можеа да се потпрат на своите најдобри фудбалери.
Де Брујне, Халанд и Аганжи излегоа од игра во првото полувреме од дополнителните 30 минути, па така Сити остана без лидерите на екипата кои се познати како одлични изведувачи. Гвардиола по мечот откри и зошто ги направи тие тактички промени.
„Тие тројца побараа од мене да ги заменам. Во текот на натпреварот ми кажаа дека повеќе немаат сили да продолжат“, откри Пеп.
Замената за Де Брујне, Матео Ковачиќ, беше еден од трагичарите кој промаши пенал за Сити, па сега ќе остане неодоговрено прашањето, што ќе се случеше доколку Де Брујне успееше да издржи да ги дочека пеналите за да шутира.