Фудбал

РИМСКИОТ СИН ЌЕ ЈА ВОДИ ВОЛЧИЦАТА И СЛЕДНАТА СЕЗОНА

Раководството на Рома и официјално потврди дека Даниеле Де Роси останува на клупата и во сезоната 2024/25.

Привременото решение се покажа како вистински погодок, легендата на Волчицата остварува добри резултати откако го презеде кормилото oд Жозе Мурињо, со што ја доби довербата од управата.

„По вчерашниот состанок со задоволство може да потврдиме дека Даниеле Де Роси ќе биде тренер на нашиот прв тим и во сезоната 2024/25. Во краток период Де Роси се покажа како вистинскиот избор, со неговите лидерски способности и влијанието кое го има во соблекувалната испишува нова приказна на Рома. Ги цениме неговите труд и храброст, како и неговата верба и љубов кон Рома“, стои во клупското соопштение.

Откако Де Роси седна на клупата во јануари, екипата на Рома забележа 11 победи во 16 меча во сите натпреварувања, со три ремија и два порази. Славеше Рома и во градското дерби против Лацио, а вечерва може да се пласира во полуфиналето од Лигата на Европа доколку се сочува резултатот од 1-0 против Милан во реваншот.