Фудбал

(НЕ)ОЧЕКУВАН ПРЕСВРТ: МОДРИЌ ЌЕ ГО ИГРА ПОСЛЕДНИОТ ТАНЦ НА ЕП 2024?

Иднината на Лука Модриќ останува нејасна и во завршницата од актуелната сезона, бидејќи од таборот на Реал Мадрид нема индикации дека ќе му понудат нов договор на хрватскиот ветеран, и покрај неговата желба да остане на „Сантијаго Бернабеу“.

Ниту самиот Модриќ има донесено конечна одлука, но како што одминува времето, опцијата да оди во пензија е сè повозможна. Самиот фудбалер тврди дека би сакал да ја заврши кариерата во Реал, меѓутоа во неговите нозе уште има сила да игра на највиско ниво, и покрај тоа што има 38 години. Па, доколку не му се понуди нов договор наскоро, Модриќ би можел да стави крај на богатата кариера, наместо да се сели во друг клуб.

Сепак, повлекувањето од фудбалот би се случило по Европското првенство кое летово ќе се игра во Германија. Последниот танц на Модриќ би бил во дресот на неговата Хрватска, а доколку има вистина во информациите на шпанските медиуми кои ги објавија овие информации, ова се последните месеци во кои можеме да уживаме во фудбалот и делото на Модриќ.