ТОП 5 ПРИЧИНИ ЗОШТО БАРСА НЕМА ДА ОСВОИ ЛШ
Објавено на: 29.03.2024
Како што е редот, дојде време да се потенцираат главните причини зошто Барселона нема да биде европски шампион оваа сезона.
Во оваа хумористична рубрика ги истакнуваме наводните причини на сите четвртфиналисти, па така по Манчестер сити и Реал Мадрид, следен е каталонскиот гигант да помине низ нашата анализа.
Сè си е легитимно, нели?
1. НЕМА ПАРИ ЗА СУДИИ

Популарниот прекар „Уефалона“ го добија поради наводното потплатување на судиите, од кои добија доста помош да ги остварат посакуваните успеси. Но, Барса веќе извесно време е заглавена во долгови, па Лапорта не може да издвои средства да ја поткупи арбитражата.
2. ГО НЕМА МЕСИ

Лео замина пред три години од клубот, па кога го нема најдобриот во клупската историја, освојувањето на трофејот со големите уши звучи како невозможна мисија. Меси ја предводеше Барса во 3 од вкупно 4 трофеи кои ги освои во ЛШ.
3. МБАПЕ ИМ Е ЏЕЛАТ

Мбапе постигна 4 гола во двата меча против Барса кога овие две екипи последен пат се сретнаа во нокаут-фазата, од кои три ги даде на „Камп ноу“. Сегашниот двомеч ќе биде подготовка за Мбапе за „Ел Класико“ дуелите во иднина, знаејќи дека му следува трансфер во Реал, па сигурно ќе сака да го надополни својот учинок против каталонскиот гигант.
4. УШТЕ ИМААТ ТРАУМИ ОД ЛИВЕРПУЛ

По дебаклот од 4-0 кој Барса го претрпе од Ливерпул во полуфиналето во сезоната 2018/19, Каталонците веќе не се исти. Тоа им беше последен настап во полуфинална фаза од ЛШ, а од тогаш не успевале да остварат успех ниту во Лигата на Европа, каде беа елиминирани од Ајнтрахт и Манчестер јунајтед.
5. ЧАВИ НЕ Е ЗИДАН

Многу ретко се случува клупска легенда да стане тренер и експресно да освои трофеј. Зидан го водеше Реал до три титули во ЛШ во низа, додека Чави се мачи да забележи успешни резултати на континентално ниво. Всушност, Барса не ни била блиску до европски трофеј под водство на Чави.