ПОЧЕТИНО Е ИЗБРАНИОТ ИЛИ УШТЕ ЕДЕН ВО НИЗАТА?
Објавено на: 28.05.2023
Пред неполни два часа, аргентинскиот стратег и официјално стави потпис на договорот со лондонските сини, со кој се враќа во главниот град на Англија и Премиерлигата, но во други бои. Ќе бидат интересни неколку ситуации, околу камбекот на Маурицио.
Прво, како ќе се снајде во вителот кој се вика Челси и кој безмилосно ги меле тренерите, бурата која коси се пред себе кога станува збор за долготрајност, истрајност, континуитет и кредибилитет. Така беше со Абрамовиќ, така е сега и со Боели. Мора да е до клубот, а не до газдите?

Другата ситуација, е играчкиот кадар. Почетино доаѓа во клуб наполнет со „второразредни“ фудбалски ѕвезди од кои повеќето не само што се „недокажани“ во фудбалскиот свет, туку и се убедени дека се „најдобри“ затоа што се скапи, несфаќајќи дека нивната цена е вештачки напумпана. Или си знаат, само така им одговара?

Третата ситуација е договорот. Дали тригодишната соработка ќе биде испочитувана? Дали рацете ќе му бидат одврзани? Дали Стемфорд Бриџ ќе го прифати поранешниот тренер на Тотенхем? Оваа ставка некако е поврзана со првата, но сепак има и по некоја примеса која ја прави различна. На крајот на денот, сите ситуации се поврзани меѓу себе.

Што ти требаше ова, Маурисио?