Кошарка

КОШОТ НА РИВС ШТО ЈА ПОКАЖА РЕШИТЕЛНОСТА НА ЛЕЈКЕРС

Ниту повредата на стапалото на Леброн Џејмс, ниту повредата на главата на Ентони Дејвис, ниту другите повреди на останатите играчи, ниту недостатокот на ѕвезди во длабочината на ростерот, не можеа да ги спречат играчите на франшизата од ЛА, да го совлада локалниот ривал и немесис и да покажат кој е кој во НБА лигата.

Долго време Вориорс се перчеа дека имаат позитивен скор со Лејкерс, долги сезони правеа што сакаат на натпреварите против гламурозниот ривал, многу често знаеја да се измејуваат и да потценуваат, но на сето тоа му дојде крајот – Лејкерс слават со 4:2 и се пласираа во финалето на Западната конференција.

Кошот на Остин Ривс е показател колку е битен секој момент од секој натпревар и како се гради предност чекор по чекор. Тој постигна 23 поени, имаше девет помалку од најдобриот стрелец Стеф Кари кој со 32 беше немоќен пред налетот на Кралот со 30 поени и Д’Анџело Расел со 19, односно Ентони Дејвис со 17 поени. Воините Грин, Томпсон и Пул беа ставени в џеб и завршија со 9, 8 и 7 поени.

Заслужен ли е пласманот на Лејкерс во финалето на конференцијата, се насмевнува ли титулата? Следува пресметка со Денвер Нагетс и Никола Јокиќ. Нагетс имаат предност домашен терен, но истата предност ја имаа и Голден Стејт Вориорс…