Останато

ЗОРАН ЈОВАНОВСКИ ЗА ИСТОРИЈА ЗА МАКЕДОНИЈА!

Македонија испиша нова страница во својата спортска историја. Зоран Јовановски од Василево стана првиот македонски параолимпиец кој настапува на Зимските параолимписки игри, откако се појави на патеката на Милано-Кортина 2026.

Со овој настап, Јовановски не само што го претставува македонското знаме на најголемата зимска параолимписка сцена, туку одбележува и историски момент за македонскиот спорт.

Спортот отсекогаш бил негова голема страст. И покрај бројните предизвици, тој никогаш не се откажал од желбата да се натпреварува и да ги поместува сопствените граници. Денес таа страст го донесе до најголемата сцена во параолимпискиот спорт.

Неговата животна приказна е силна и инспиративна.

Бев во војска, дојдов дома на редовно, излегов во кафеана… Двајца се скараа, едниот извади пиштол. Пукаше. Рикушет од цемент, од стол… и куршумот заврши во мојата кичма. 49 дена лежев во тогашна Воена болница. Видов дека животот мора да продолжи. Сакам или не сакам, животот мора да продолжи.

По тој трагичен настан, неговиот живот засекогаш се променил. Но наместо да се предаде, Зоран решил да се бори и да продолжи напред.

Количката не е препрека, таа е дел од мојот пат.

Токму таа сила и истрајност денес го доведоа до параолимписката патека. Од куршум во кичмата до настап на Зимски параолимписки игри, приказната на Зоран Јовановски е пример за храброст, упорност и победа над животните удари.

Неговиот настап ќе остане запишан како историски момент за Македонија, но и како инспирација за сите млади спортисти дека со вера, дисциплина и истрајност, соништата можат да станат реалност.