ЕВРО 24

ЈАМАЛ МОЖЕ ДА ПРЕКРШИ ГЕРМАНСКИ ЗАКОН ДОКОЛКУ ИГРА ВО ФИНАЛЕТО

Ламин Јамал ова Европско првенство сруши многу рекорди, но утре може да прекрши и еден германски закон доколку има продолженија во големото финале, а тој се најде на теренот.

Младата шпанска ѕвезда стана најмладиот играч кој настапил на Европско првенство, а со голот против Франција стана и најмладиот стрелец во историјата на првенствата. Но каков проблем се исправува пред Јамал и Шпанија во текот на утрешниот ден?

Еден германски закон за регулирање на работното време има забрана малолетни лица (под 18 години) да работат по 20:00 часот. Сепак, спортистите се исклучени од оваа категорија, односно им е дозволено да „работат“ до 23:00 часот. Но доколку натпреварот отиде во продолженија, тогаш повеќе од сигурно е дека ќе трае и по 23:00 часот и секако, доколку Јамал биде на зелениот терен односно не биде преселен на клупата.

Доколку тоа се случи, односно тој и понатаму е на теренот по 23:00 часот, тогаш шпанската федерација ќе треба да плати казна од 30.000 евра.

За оваа тема веќе се огласи Де Ла Фуенте пред 1/8 финалниот натпревар против Грузија, кој рече дека нема намера да го извади Јамал пред 23:00 часот, доколку тоа се случи. Сепак, Шпанија ја заврши работата во 90 минути, Јамал не мораше да игра по 23:00 часот и се одбегна потенцијалната казна.

Утре, веруваме дека и доколку се играат продолженија, Шпанците ќе „жртвуваат“ 30.000 евра отколку еден од нивните главни играчи да мора да го напушти теренот.