ЧАВИ: НИ ГИ ЗАГОРЧУВАТЕ ЖИВОТИТЕ, И МОЈОТ НАСЛЕДНИК ЌЕ СТРАДА
Објавено на: 30.01.2024
Барселона се подготвува за утрешниот дуел против Осасуна во Ла Лига, а главна тема на прес-конференцијата беше најавеното заминување на Чави Ернандес по крајот на сезоната. За шпанските медиуми, тренерот на Каталонците отворено говореше за главни причини што го натераа да се повлече од тренерската функција, одлука која ја донел уште на почетокот на оваа сезона, во која Чави и Барса влегоа како бранители на титулата.
„Иако чувствувам и знам дека ја имам поддршката од управата и фудбалерите, за мене повеќе е невозможно да ги трпам последиците на оваа работа. Ништо не може да ме натера да се предомислам, бидејќи одлуката да заминам ја донесов уште пред почетокот на сезоната, без разлика што минатата бевме шампиони. Сметам дека не сум доволно ценет, константно сум под притисок од вас, медиумите. Што и да правам е недоволно. Дури и разговарав со Пеп и со Валверде, и тие поминале низ истото, а знам дека така беше и со Луис Енрике. Притисокот ми влијае и врз приватниот живот, а тоа не можам да го дозволам. Едноставно, на секој тренер му го загорчувате животот, што е неприфатливо. Би му испратил порака на мојот наследник да ужива во работата, но знам дека и тој ќе страда поради вас“, се обрати Чави кон медиумите.
Веројатно и е во право. Од секој стратег се очекува во секоја сезона да освојува што е можно повеќе трофеи, но ретки се случаите како Гвардиола и Енрике кои успевале да донесат тројни круни за време на нивните мандати. Тоа е поставениот стандард, па се бара истиот успех од сите.