ДИРЕКТОРОТ НА ЛЕВЕРКУЗЕН: ФИРЦ НЕ МРДА ОД „БАЈ АРЕНА“
Објавено на: 16.04.2024
Првата лигашка титула во 120 години постоење е заверена, Баер Леверкузен го стори невозможното и ја прекина 11-годишната доминација на Баерн Минхен. Фармацевтите досега во 29 меча немаат пораз, односно учинокот им е 25 победи и 4 ремија во Бундеслигата, па како тимската статистика, така и индивидуалната кај неколку првотимци е феноменална.
Еден од играчите кои блескаат под палката на Чаби Алонсо е Флоријан Фирц, 20-годишниот германски плејмејкер брилјира со 17 гола и 18 асистенции во 41 настап сезонава во сите натпреварувања. Не е само неговиот учинок, туку поради и целокупното влијание на теренот и начинот на кој ги решава натпреварите, Фирц стана мета на најбогатите гиганти на Стариот континент.
Наводно, изминативе денови Баерн Минхен влезе во напредна фаза од преговорите за потписот на новат ѕвезда на германскиот фудбал која има 120 милиони евра откупна клаузула, но овие шпекулации сега се отфрлени од страна на спорткиот директор на Леверкузен, Фернандо Каро.
„Планот е јасен, Флоријан останува со нас и следната сезона. Точно е дека треба да продадеме еден важен играч со цел да оствариме профит кој би го искористиле за две-три нови имиња, но Фирц нема да биде продаден ова лето, тоа можам да го гарантирам“, истакна Каро.