ВУЈО СЕ ВРАЌА НА СЕЛЕКТОРСКАТА РАБОТА
Објавено на: 01.05.2026
Веселин Вујовиќ повторно има ангажман и се враќа на селекторската позиција на Катар, каде веќе беше кормилар во периодот 2024–2025.
Искусниот 65-годишен стратег отпатува во Доха и ќе ја преземе репрезентацијата со договор што ќе важи до Светското првенство во 2027 година, кое ќе се одржи во Германија.
Вујовиќ веќе го водеше Катар на Светското првенство 2025, но настапот тогаш не ги оправда очекувањата. По тежок пораз од Франција, тесен неуспех против Австрија и победа над Кувајт, Катар стигна до главната фаза, каде забележа порази од Холандија, Унгарија и од нашите момци предводени од Кире Лазаров.
По тој турнир, селекторската позиција ја презеде Валеро Ривера, тренер кој во минатото му донесе историски успех на Катар со среброто на Светското првенство 2015. Сепак, ниту неговото враќање не донесе стабилност, а тимот постепено го загуби приматот во азискиот ракомет.
Токму затоа, враќањето на Вујовиќ се гледа како обид за нов почеток и силна реакција пред големиот турнир. Станува збор за тренер со огромно искуство, кој во кариерата водел повеќе репрезентации, а како играч беше еден од најголемите ракометни асови на просторите на поранешна Југославија.