Фудбал

НЕВЕРОЈАТНА КАЗНА: УРУГВАЈЦИТЕ СО КОМЕРЦИЈАЛНИ ЛЕТОВИ НАЗАД ДОМА

Светското првенство заврши катастрофално за Уругвај, а неуспехот не остана без последици.

По елиминацијата уште во групната фаза, Фудбалската федерација на Уругвај донесе необична одлука и ги казни репрезентативците со укинување на привилегијата да се вратат дома со чартер-лет.

Според „Ел Паис“ и „Тенфилд“, целата експедиција требало заедно да отпатува од Мексико до Монтевидео со приватен авион, но по разочарувачките резултати федерацијата го откажала летот.

Наместо тоа, фудбалерите и членовите на стручниот штаб биле принудени да се враќаат со редовни комерцијални летови, поделени во повеќе групи, со различни дестинации и преседнувања.

Уругвај не успеа да победи ниту на еден натпревар на турнирот. По двете ремија, во последното коло загуби од Шпанија, со што го заврши настапот уште во групната фаза.

Во пресрет на тој натпревар, медиумите објавија дека дел од репрезентативците биле незадоволни од методите на селекторот Марсело Биелса, од интензитетот на тренинзите и од тактичкиот пристап, но до промени не дојде.

По елиминацијата, искусниот аргентински стратег не бараше оправдувања.

Не оставам ништо зад себе за уругвајскиот фудбал. Ако немате резултати, сè друго е безвредно. Моето време овде е целосен неуспех.

Уругвај го заврши Светското првенство со само два освоени бода и беше последен меѓу третопласираните репрезентации, а иднината на Биелса на селекторската функција сега е под голем знак прашалник.