Фудбал

УЕФА МУ ВОЗВРАЌА НА ИНФАНТИНО: ПОДГОТВУВААТ ПАРАЛЕЛНО СВЕТСКО ПРВЕНСТВО

Во светскиот фудбал се подготвува невиден институционален судир кој би можел целосно да ја промени иднината на репрезентативните натпреварувања.

Според британскиот The Times, УЕФА, заедно со северноамериканската конфедерација CONCACAF и Азиската фудбалска конфедерација (AFC), сериозно ја разгледува можноста за организирање алтернативно меѓународно натпреварување, кое би било директна конкуренција на Светското првенство на ФИФА.

Овој радикален потег би бил одговор доколку Џани Инфантино се кандидира за четврти последователен мандат на чело на ФИФА.

Освен идејата за нов турнир, се разгледува и бојкот на работата на ФИФА, што би значело одбивање учество на седници на Советот и комисиите, како и блокирање на носењето клучни одлуки.

Како основа за новото натпреварување се споменува проектот за глобална Лига на нации, кој УЕФА го разви уште во 2017 година, но никогаш не го реализираше.

Наместо класично Светско првенство со 48 репрезентации, завршницата би била поделена на седум одделни турнири со по осум селекции, распределени според нивниот квалитет. Континенталните Лиги на нации би служеле како квалификации за тие турнири.

Причина за ваквите идеи се долгогодишните несогласувања со Инфантино, кои дополнително се продлабочија по контроверзниот проект FIFA Forward Enterprises (FFE) и плановите дел од комерцијалните права на ФИФА да бидат понудени на приватни инвеститори.

Во меѓувреме, Инфантино веќе обезбедува поддршка за нов мандат. Јавна поддршка му дадоа фудбалските сојузи на Саудиска Арабија, Катар, Мароко, Обединетите Арапски Емирати, како и повеќе азиски и африкански федерации.

Доколку најавите се реализираат, светскиот фудбал би можел да се соочи со најголемиот раскол во својата историја, со две паралелни глобални репрезентативни натпреварувања.