Фудбал

НА КУРТОА МУ ЗДОДЕА ФУДБАЛОТ, СЕДНУВА ВО БОЛИД?

Тибо Куртоа би можел да ги следи стапките на двајца легендарни голмани, Фабиен Бартез и Сантијаго Канизарес, како трет фудбалски чувар на мрежата кој би се пробал во мотоспортот. Наводно, негова желба е по завршувањето на кариерата да седне во болид и да вози во ГТ3 трки, кои се наменети за аматерски возачи, што воедно би му ја отворило вратата за да излезе и на култната патека на Ле Ман.

Имено, Куртоа беше гостин на Ф1 трката во Белгија, каде ги додели наградите за победниците во спринт-трката, а потоа даде изјава дека отсекогаш бил огромен фан на најбрзиот мото-циркус во светот, а дури редовно следи и Ф2 и Ф3 трки.

Неговиот сон да седне во болид и да се натпреварува, може да му ја прекрати фудбалската кариера. Веќе извесен период Куртоа е во преговори со Реал Мадрид околу продолжување на соработката, а според шпекулациите не сака да потпише договор на повеќе години, туку најдоцна до јули 2027 година. Така, белгискиот голман би се пензионирал на 35 години пред да се посвети на мото-трките.

Колку всушност е посветен на овој спорт, потврдува фактот дека Куртоа основа Ф4 тим во Шпанија, наменет за јуниорски возачи.