Фудбал

ДОКОЛКУ ТИ ТРЕБА МОТИВАЦИЈА, СЛУШНИ ГО ГОВОРОТ НА ТИЈАГО СИЛВА (ВИДЕО)

Тијаго Силва е еден од ретките феномени во фудбалот кој и на 40 години игра на високо ниво. Капитенот на Флуминенсе вечерва уште еднаш ќе биде во улога на лидер за својот тим во дуелот против Ал-Хилал, во битката за пласман во полуфиналето на СКП.

Дека е лидер каков што може само да се посака, Силва покажа со својот мотивациски говор кој го одржа во соблекувалната на паузата во мечот против Интер. Се потсети на неговите последни моменти со очувот за да им пренесе порака на соиграчите да не се откажуваат.

„Не сакам да дочекам по натпреварот да зборуваме што можевме да направиме. Ми наодаа емоции бидејќи ова што ќе ви го кажам сакам да го разберете. За време на Мундијалот во 2014 година бев дел од нашата селекција. Имавме слободен ден, па решив да се вратам дома и да го посетам семејството. Мојот очув, човекот кој придонесе да израснам во човекот којшто сум денес, беше болен, а јас не знаев колку е сериозна ситуацијата. Се вратив во тренинг-кампот, го завршивме настапот на Мундијалот како што знаете, а кога него го хоспитализираа, јас се вратив во Париз за претсезонските подготовки со ПСЖ. За време на еден од првите натпревари во сезоната, сопругата ми се јави да ми каже дека очувот починал. Знаете ли што се обидувам да ви кажам? Не отидов да го посетам во болница бидејќи мислев дека ќе го видам во друга прилика. Сакам да разберете дека не треба да ги оставаме работите за подоцна, најважно е сега и тука како ќе ја искористиме шансата која е пред нас. Не оставајте за подоцна бидејќи можеби нема да добиете втора шанса. Зграпчете го овој момент, уживајте во него, но имајте одговорност. Да покажеме борба, фер битка и да го завршиме дуелот со 11 играчи. Заедно мора да се вложиме за добар резултат!“, се обрати Силва кон соиграчите.

Подоцна, Флуминенсе со конечни 2-0 го совлада Интер и се пласира во топ 8 фазата од Светското клупско првенство.