ТАЛЕСКИ СЕ СЕЛИ ВО УНГАРИЈА?
Објавено на: 23.12.2025
Втората епизода на Филип Талески во дресот на Вардар очигледно завршува порано од очекуваното. Македонскиот репрезентативец и клубот од Јане Сандански се наоѓаат пред спогодбен раскин, по период во кој левиот бек беше целосно надвор од тимскиот ритам и без значајна минутажа.
Талески уште од крајот на октомври не тренираше со првиот тим, а причината, според информации од повеќе извори, е незадоволството од улогата што ја имаше во првиот дел од сезоната. Иако се врати во Скопје со големи очекувања, неговата минутажа во европските и домашните натпревари е незначителна, нешто што е главна причина за прекин на соработката.
Според сознанијата на 24Ракомет, следната дестинација на Талески би требало да биде унгарската Татабања, клуб кој веќе со години претставува „трета сила“ во унгарскиот ракомет, зад Веспрем и Сегед. Татабања е редовен учесник во европските купови и важи за стабилна средина која знае да извлече максимум од играчи со интернационално искуство.
Кариера со европски печат
Филип Талески одамна го има докажано својот квалитет надвор од Македонија. Од Металург, каде што се изгради како играч со одлични предиспозиции во напад и одбрана, направи трансфер во германскиот гигант Рајн-Некар Левен, со кој ја освои Бундеслигата и Купот на Германија. Следуваа настапи за Балинген, првата авантура во Вардар, а потоа и трансфер во Бенфика, каде помина две сезони и редовно настапуваше во европските натпреварувања.
Летото 2025 година се врати во Вардар како искусен репрезентативец и играч од кој се очекуваше да биде еден од лидерите на бековската линија.
На репрезентативен план ситуацијата е статус кво, Талески не е во добри односи со селекторот и како што неодамна изјави „не би му кажал ни здраво на Лазаров на улица“. Крушевскиот горостас не е дел од плановите за Европското првенство во Данска, а веќе подолго време не добива никаков повик во сениорската репрезентација.