СЛОВЕНЦИТЕ ПРИЗНАА КОЈ Е НИВНИОТ НАЈГОЛЕМ ПРОБЛЕМ, СЕГА НА ПОТЕГ Е МАКЕДОНИЈА ТОА ДА ГО ИСКОРИСТИ
Објавено на: 29.09.2026
Словенија слично како Македонија, разочара во првиот меч од Лига на нации, но сепак освои бод на свој терен против Шкотска (0:0). Голманот Јан Облак со неколку одлични одбрани е најзаслужен што Словенија не загуби на тој дуел. Сега, повторно на домашен терен играат против Македонија и свесни се дека мора да бидат подобри.
Дефанзивецот Јака Бијол отворено зборуваше за тоа кој е најголем проблем во словенечката репрезентација. Тој се осврна на дуелот против Шкотска, кога Словенците во второто полувреме целосно беа инфериорни поради слабата физичка подготвеност.
„Секогаш сме биле реални; не сме во ситуација да правиме драма околу ова, но секогаш е добро отворено да се разговара. Има многу работи што не се како што треба, особено физичката подготвеност, која не е на потребното ниво. Но, тоа е долгорочен проблем што мораме да го решиме. Желбата е секогаш присутна, одигравме добро прво полувреме на високо ниво, но потоа малку ја плативме цената во вториот дел. Секој треба да преземе одговорност за сопствената физичка подготвеност“, рече фудбалерот кој настапува во англискиот премиерлигаш Лидс.
Бијол анализираше дека македонските фудбалери не одиграле добро против Швајцарија, но тоа не значи дека треба да бидат потценети.
„Македонците знаат како да ја задржат топката во свој посед и да покажат што умеат. Повторно очекуваме многу тежок натпревар. Тие заслужено се во Лига Б иако не покажаа многу против Швајцарците. Очекуваме да одиграат подобро, затоа што ова е клучен натпревар и за нив. Тие се квалитетен тим и ќе мораме добро да се браниме. Но, кога ќе ја освоиме топката, ќе треба да постигнеме гол“, изјави 27-годишниот словенечки репрезентативец.