Фудбал

СЕДУМТЕ ПРЕТЕНДЕНТИ ЗА МЕСТОТО НА АМОРИМ ВО ЈУНАЈТЕД

Манчестер Јунајтед и официјално започнува ново поглавје. Клубот од Олд Трафорд го отпушти Рубен Аморим по само 14 месеци на клупата, поради серија топло-ладно резултати и отворен конфликт со клупското раководство. Иако тимот моментално се наоѓа на шестото место во Премиер лигата, формата беше променлива, а јавната критика на Португалецот кон управата и барањето поголема контрола го забрзаа крајот на неговата ера.

Сега целото внимание е насочено кон прашањето: кој е следниот тренер на Јунајтед? Англиските медиуми веќе гласно шпекулираат, а повеќе од јасно е дека од одлуката ќе биде брзо донесена.

Чави
Легендата на Барселона е без клуб од разделбата со Каталонците во 2024 година. И покрај бурниот крај, неговата титула во Ла Лига и Суперкупот во 2023 година ја задржаа високо неговата репутација. Слободен е и Јунајтед може веднаш да преговара со него.

Гарет Саутгејт
Поранешниот селектор на Англија има силни поддржувачи во клубот, вклучувајќи го и Сер Џим Ретклиф. Познат е по смирен пристап и одлично управување со притисок и можеби токму тоа што му е потребно на Јунајтед за стабилизација?

Енцо Мареска
Италијанецот си замина од Челси пред неколку дена, а медиумите веќе шпекулираат дека тајмингот за раскин на договорот со Аморим не е случајност со оглед на фактот дека Мареска стана слободен за ангажман. Се споменуваше и како можен наследник на Пеп Гвардиола во Сити. Слаби страни за Јунајтед? И тој, како Аморим, веќе имал судири со клупска управа.

Андони Ираола
Работи одлична работа во Борнмут, деветто место во првата сезона и игра со јасна визија. Јунајтед го гледа како млад, модерен тренер со јасни идеи, иако негово заминување би било удар за клубот од југот и помалку веројатна опција.

Оливер Гласнер
Еден од најимпресивните тренери во Премиер лигата по доаѓањето во Кристал Палас. Донесе трофеи во ФА купот и Комјунити шилд и веќе одамна се споменува како потенцијален човек за жешкото столче, но дали би се откажал од Палас на сред сезона?

Еди Хау
И покрај притисокот во Њукасл, неговиот печат во тимот од северот е повеќе од очигледен. Има долгогодишно искуство и би донел стабилност и јасен систем на работа во Јунајтед, но исто како Гласнер, помалку веројатно е дека ќе го напушти Њукасл на сред сезона.

Дерен Флечер
Внатрешна опција и човек со „ДНК на Јунајтед“. Во моментов работи со U-18 тимот и е потенцијален привремен или траен избор, особено ако клубот тргне кон домашно решение. Помеѓу англиските медиуми, тој е најсериозната опција за шанса до крајот на сезоната. Доколку обезбеди пласман во Лигата на шампионите, се верува дека би останал и следната сезона.

Јасно е дека разделбата со Аморим беше само вовед во многу поважна одлука. Кој и да седне на клупата, ќе ја преземе можеби најжешката тренерска клупа во Европа со задача да го врати Јунајтед на местото каде што заслужува да биде.