ЧАШКА ЗА ЕСПРЕСО МОЖЕ ДА ТИ ДОНЕСЕ ОТКАЗ ВО ТОТЕНХЕМ?
Објавено на: 08.01.2026
Томас Франк, менаџерот на Тотенхем, се најде во бура од реакции од фановите пред последниот натпревар на клубот. Данецот беше фотографиран како држи чаша со логото на најголемиот ривал додека излегува на теренот, насмевнат од шестка до шестка.
Она што е сѐ уште енигма е како чашата на Арсенал се нашла во рацете на Франк, особено што Тотенхем играше на гости против Борнмут, а не против Арсенал. Фановите го сметаат овој момент за целосно непрофесионален и навредлив, и не можат да сфатат како такво нешто е можно.
Веќе на големо на сите социјални мрежи навивачите бараат негово заминување, отказ или јавно извинување, сметајќи го овој потег како непочитување кон клубот и кон фан базата.

Франк се обиде да се оправда по натпреварот, велејќи дека не ја забележал чашата и дека никогаш намерно не би направил таква глупост:
Ако знаев, никогаш не би ја зел чашата. Тоа би било потполно глупо.
Сепак, неговото објаснување не ги смири навивачите, кои се бесни поради „неприфатливиот и непрофесионален“ потег на менаџерот.
Контроверзата околу чашата само го продлабочува притисокот врз Франк, а по вчерашниот „кикс“ шпекулациите за негово заминување се сѐ погласни. Едно нешто е сигурно: Сите со нетрпение го очекуваме првиот дуел на Тотенхем дома.