САУТГЕЈТ СЕ ЗБОГУВА СО АНГЛИСКАТА СЕЛЕКЦИЈА: ДАДОВ СЀ ОД СЕБЕ
Објавено на: 16.07.2024
Герет Саутгејт официјално повеќе не е селектор на Англија, откако го отстапи столчето по поразот од Шпанија во финалето на Европското првенство.
Тоа беше второ по ред континентално финале на кое Гордиот Албион не успеа да ја освои европската круна. Саутгејт се обрати на јавноста по неговата одлука да даде отказ.
„Како горд Англичанец, беше вистинска привилегија и чест да се биде селектор на оваа репрезентација. Бев играч на Англија и бев селектор на Англија – тоа за мене значи сѐ на овој свет. Дадов сѐ од себе, но сега е време е за промена, за ново поглавје на оваа приказна. Ја напуштам функцијата на селектор. Со нетрпение ги чекам следните предизвици на овој тим, во кои јас ќе навивам како секој друг англиски фан и ќе се радувам на сите нови успеси кои ќе ги остварат“, истакна Саутгејт.
Со Саутгејт на клупата, Англија стигна до две финалиња на Европските првенства, во 2021 година и пред неколку дена, додека на две Светски првенства Трите Лавови остварија пласман во полуфиналето во Русија 2018 година и елиминација во четвртфиналето на Мундијалот во Катар пред две години.
Англиската федерација во следниот период ќе треба да назначи нов кормилар, а меѓу првите кандидати се споменуваат ексменаџерите на Челси, Томас Тухел и Мауирисио Покетино, како и Еди Хау од Њукасл.