Фудбал

РАСТАТ ТЕНЗИИТЕ ВО ЛАЦИО – САРИ ГО ОБВИНУВА ГАЗДАТА, ЛОТИТО БАРА ОДГОВОРНОСТ

Ситуацијата во Лацио е многу лоша, особено по поразот од Фиорентина кој тимот на Маурицио Сари го претрпе во понеделникот при конечни 2-1. Ова беше и 10-ти пораз на Лацијалите сезонава во Серија А, по што се најдоа на дури осмото место на табелата по 26 кола, далеку од топ 4 екипите.

Сари на прес-конференцијата по тој меч, истакна дека не контролира со финансиите наменети за засилувања, ја искритикува трансфер-политиката на клубот и неисполнувањето на неговите желби. Голем дел од играчите не го достигнуваат потребниот стандард, додека новите засилувања немаат значаен придонес.

Клаудио Лотито, не реагираше добро на овие коментари од неговиот тренер. Побара од Сари да преземе одговорност за слабите резулати, но и настојува дека фудбалерите се доволно квалитетни за Лацио да биде конкурентен на ривалите во Серија А, а и на континентално ниво.

„Играчкиот кадар е доволно силен и квалитетен, Сари за промена треба да преземе одговорност, наместо цело време да бара изговори. Нашата активност на пазарот во претходните два преодни рокови нема никаква врска со поразот во Фиренца и претходните девет кои ги претрпевме сезонава. По крајот на ова сезона ќе донесеме конечна одлука и ќе ја решиме ситуацијата“, истакна Лотито за италијанските медиуми.

Со други зборови, Сари многу веројатно ги живее последните месеци како предводник на тимот од Рим, односно ќе биде отпуштен иако неговиот договор важи до јуни 2025 година. Како светла точка засега може да се издвои победата на Лацио над Баерн Минхен со 1-0 во првиот осминафинален дуел во Лигата на шампионите, но и елиминација над германскиот гигант нема да му ја спаси кариерата во овој клуб.