Фудбал

ГРАДОТ НА СВЕТЛИНАТА Е СЛЕДНАТА ДЕСТИНАЦИЈА НА ФАРАОНОТ?

Мохамед Салах ја игра последната година од договорот со Ливерпул, а според настапите досега може да се каже дека оваа сезона му една од најдобрите во дресот на Црвените, ако не и најдобра.

По секој натпревар медиумите се обидуваат да добијат информации околу тоа дали клубот ќе му го продолжи договорот, на што тренерот Арне Слот дава еден ист одговор, односно дипломатски избегнува конкретно да одговори бидејќи договорите се обврска на упрвата.

Салах пак, неколкупати прокоментира дека оваа сезона веројатно му е последна бидејќи уште нема добиено понуда за продолжување на соработката, а тоа ја отвора вратата на неколку клубови да преговараат со него околу ангажман без отштета, и тоа уште во јануари.

Минатите две лета неколку богати клубови од Саудиска Арабија нудеа огромни пари за Салах, но Ливерпул експресно ги одбиваше, а сега во трката за неговиот потпис се приклучи и европскиот гигант ПСЖ.

Светците наводно подолго време се во контакт со претставниците на популарниот Фараон, нивниот план е да испратат конкретна понуда во вториот дел од актуелната сезона. На Парижаните им недостасува ѕвезда од калибарот на Салах откако замина Мбапе, а претходно и Нејмар и Меси, а со оглед на тоа дека нема потреба да исплатат одредена сума кон Ливерпул, францускиот првак нема проблем да му понуди пари на Салах колку што сака.

Дали Салах ќе заигра за друг гигант од Стариот Континент, или ќе биде дел од трендот да се пресели на Блискиот Исток, повеќе ќе се знае по Новата година. А, не треба да се отфрли и опцијата дека може да остане на „Енфилд“.