Фудбал

ЌЕ БЕШЕ ЕВРОПСКИ ШАМПИОН, ДА НЕ ЗАДОЦНЕШЕ ИТАЛИЈАНСКИОТ ПАСОШ

Рафиња ја игра сезоната на кариерата во Барселона, како на индивидуално така и на клупско ниво. Брзоногиот крилен офанзивец на Каталонците нареди импресивни настапи и бројки со што се наметна како кандидат за Златната топка, додека неговата Барса атакува на тројна круна.

Во пресрет на ревашнот со Интер во полуфиналето од ЛШ, пред доаѓањето во Милано, Рафиња се наврати на периодот кога беше во процес да добие италијански пасош и да игра за Аѕурите, и тоа да биде дел од националниот состав кој ја освои титулата на Европското првенство во 2021 година.

„Требаше да бидам дел од екипата која го освои Европското првенство. Работата практично беше завршена, неколку репрезентативци на Италија кои имаат бразилско потекло како Жоржињо, Емерсон Палмиери и Рафаел Толои веќе ме контактираа и константно ми збореа да играм со нив. За моја среќа, документите за пасошот задоцнија, а мене ми се оствари желбата што ја чекав, да играм за родниот Бразил. Иако бев блиску да заиграм за Италија, отсекогаш верував дека ќе добијам шанса да ја претставувам мојата земја, па затоа ми е мило што целиот план да бидал дел од Аѕурите не се реализира“, истакна Рафиња.

Ѕвездата на Кариоките можеше да извади италијански пасош поради што татко му има италијански корени. Да се случеше сето тоа, сега Рафиња ќе беше европски шампион.