Фудбал

ПОТРЕСНИ СЦЕНИ: ЕРИКСЕН ПАДНА, ИГРАЧИТЕ НЕ МОЖЕА ДА ГИ СОКРИЈАТ СОЛЗИТЕ

Фудбалскиот свет повторно остана без здив поради Кристијан Ериксен. Данскиот репрезентативец доживеа ново колабирање за време на пријателскиот натпревар меѓу Данска и Украина, предизвикувајќи шок и страв кај сите присутни на стадионот.

Инцидентот се случил во 66. минута при водство на Данска од 2:1. Ериксен во еден момент се фатил за градите и се срушил на тревникот на половината на Украина. Сцените веднаш потсетија на драматичните моменти од Европското првенство во 2021 година, кога данскиот фудбалер колабираше на натпреварот против Финска.

Играчите на двете репрезентации веднаш реагирале и во паника повикаа медицинска помош. Потоа формираа круг околу Ериксен за да го заштитат од камерите и погледите на јавноста додека лекарските тимови му укажуваа помош.

По околу десет минути неизвесност, судијата Крингстад одлучил да го прекине натпреварот. Телевизиските камери уловиле и емотивни сцени, бидејќи арбитарот не можел да ги сокрие солзите додека го означувал крајот на средбата.

За среќа, набргу пристигнаа и охрабрувачки вести. Данскиот фудбалски сојуз соопшти дека Ериксен бил свесен и во добра состојба, а фудбалерот самостојно го напуштил теренот на свои нозе.

По прекинот на натпреварот, играчите на Данска и Украина се собраа на центарот од теренот, каде што си пружија поддршка во емотивни моменти. Многумина не можеа да ги сокријат солзите, а данскиот селектор им одржа краток говор пред сите да се поздрават и да го напуштат стадионот.

Потсетуваме, Ериксен во 2021 година доживеа срцев застој за време на натпреварот против Финска на Европското првенство во Копенхаген. Тогаш лекарите се бореа за неговиот живот и успеаја да го реанимираат по неколку минути. Подоцна му беше вграден автоматски дефибрилатор, а само неколку месеци подоцна тој направи неверојатно враќање на фудбалските терени.

Новите сцени од Данска предизвикаа огромна загриженост, но најважната информација е дека според официјалните податоци Ериксен е свесен и надвор од животна опасност.