ПОКЕТИНО ВЕРУВА ВО СВОИТЕ ИГРАЧИ И ПОКРАЈ ЛОШИТЕ РЕЗУЛТАТИ
Објавено на: 06.02.2024
Огромните вложувања во играчкиот кадар и комплетната промена на стручниот штаб, предводен од Маурисио Покетино, не донесе позитивни резултати за Челси, па тимот од западен Лондон и оваа сезона не може да се одлепи од средината на табелата и повторно да конкурира за врвот во Премиер лигата.
Изминатиов викенд, Сините го претрпеа 10-тиот пораз во Премиер лигата и тоа по само 23 кола, кога Вулверхемптон издоминира на „Стемфорд бирџ“ со 4-2. Но, и покрај слабите резултати, раководството на Челси не планира да го разреши Покетино, туку му дава уште поголема поддршка и шанса да се докаже. Воедно, аргентинскиот стратег тврди дека им верува на своите фудбалери.
„Нормално дека сум разочаран од резултатите, без разлика што вложуваме огромен труд за подобри перформанси. Мора да продолжиме напорно да работиме, сите сме заедно во ова и само заедно може да се издигнеме. Играчите ја имаат мојата поддршка, потполно верувам во нивните квалитети, особено во овој период, бидејќи јас најмногу преземам одговорност. Што се однесува до фановите, очекувам и од нив да добиеме поддршка бидејќи ни е потребна повеќе од било кога. Треба да разберат дека потребно е време за овој сосема нов проект да почне да функционира, иако уште на почетокот на сезоната поставивме високи цели. Во меѓувреме имав позитивен разговор со власниците на клубот, и тие веруваат во нас“, посочи Покетино.
Челси по 23 кола во Премиер лигата стои на 11-тото место на табелата, со 31 освоен бод и негативна гол-разлика 38:39. Следни предизвици им се Астон вила, Кристал палас и Манчестер сити, дуели по кои Сините ќе се борат за трофејот во Карабао Купот против Ливерпул во големото финале на „Вембли“, на 25 февруари.