Фудбал

МОЌНА ПЕТАРДА ФРЛЕНА ВО ДОМОТ НА НАЈПОЗНАТИОТ ХРВАТСКИ ФУДБАЛСКИ АГЕНТ, ХРВАТСКИТЕ МЕДИУМИ ТВРДЕА ДЕКА Е БОМБА

Во домот на најпознатиот хрватски фудбалски агент, Енди Бара, ноќеска била фрлена моќна петарда по која со повреди се здобило неговото куче, а Бара утрово ги демантираше тврдењата на хрватските медиуми дека во неговиот двор била фрлена бомба.

Околу еден часот по полноќ, кога сите во домот на Бара спиеле, се слушнала силна експлозија, откако наводно непознато лице фрлило бомба во дворот на хрватскиот агент. Сепак, Бара се огласи и демантираше:

„Искрено, сите спиевме и не слушнавме ништо. Очигледно е дека некој фрлил моќна петарда, а од штета само кучето е повредено. А, да беше бомба како што пишува во медиумите, веројатно би бил оштетен половина од имотот. Не сум добил никакви закани, не знам за што се работи“, изјави Бара.

Бара е инаку човекот кој одработи голем број на трансфери на Динамо Загреб, а беше најзаслужен и за ангажманот на Дани Олмо, кога како младинец ја напушти Барселона и потпиша за Модрите од хрватската престолнина. Исто така го одведе Јошко Гвардиол во Лајпциг, сегашната дефанзивна ѕвезда на Манчестер сити.