Фудбал

ТЕАТАРОТ ОД СОНИШТАТА ЗАМИНУВА ВО ИСТОРИЈАТА?

„ИНЕОС“ групацијата под водство на Џим Ратклиф, новиот ко-сопственик на Манчестер јунајтед, изминатиов период бараше начин како клубот да добие стадион со 100.000 седишта, а дилемата беше дали да се гради сосема нов стадион, или да се реновира и прошири „Олд трафорд“.

Култниот „Театар од сонишатата“ може да замине во историјата, бидејќи поголеми се шансите да се инвестираат дури 2 милијарди фунти за изградба на нов стадион, додека потенцијално реновирање на „Олд трафорд“ би чинело една милијарда фунти помалку.

Она што претставува проблем околу реновирањето на моменталниот дом на Црвените ѓаволи, е дека поправки треба да се прават на повеќе места, а тоа би значело отстранување седишта и потенцијално губење на финансии бидејќи навивачите кои имаат сезонски билети би ги загубиле местата на одреден период. Ратклиф инсистира тоа да не се случи, а ниту сака тимот да игра на друг стадион додека трае реновирањето.

Ова наговестува дека ќе се гради нов стадион за еден од најтрофејните клубови во Англија, што би значело крај на една долга и успешна ера за фудбалскиот храм кој воедно е и симбол на Манчестер.