Фудбал

НОВИ МАКИ ЗА РОНАЛДО И ЈУВЕ?

Во периодот кога се очекуваше да се смират страстите околу наводната (сега и официјална, но непотврдена затоа што ќе се жали) афера што го стресе најтрофејниот клуб во Италија, стигнаа нови најави за нови казни, покрај 15-те бода што му беа одземени на црно-белиот тим од Торино поради инволвираност во финансиски скандали.

Италијанскиот новинар Паоло Зилијани објави ексклузивни информации, односно список на имиња на фудбалери кои се под детална истрага за лажно прифаќање помали примања, а со тоа и директно учество во финансиската проневера, заедно со челниците на Старата дама. Фудбалерите се соочуваат со суспензија од најмалку триесет дена неиграње, без разлика дали ќе продолжат да настапуваат за Јувентус.

Меѓу наведените играчи на кои им се заканува суспенција, се бројни ѕвезди од кои најзвучно е името на Кристијано Роналдо, кој моментално игра за саудискиот фудбалски клуб Ал Наср. Заедно со португалскиот велемајстор, на списокот се Миралем Пјаниќ, Пауло Дибала, Леонардо Бонучи, Адриен Рабиот, Џорџо Киелини, Џанлуиџи Буфон, Гонзало Игуаин, како и поранешниот тренер Маурицио Сари.

На Роналдо, како да му беше малку маката со репрезентацијата и со наоѓање нов ангажман во квалитетен европски клуб, па сега стигна и овој товар кој му виси над главата. Дали тој и поголем дел од споменатите на списокот, кои се под истрага, помислија дека ќе се спасат ако заминат од редовите на Јуве?