Тенис

НОВАК ЃОКОВИЌ СО ЧЕСТИТКА ДО ЛИНА И ПОРАКА ДО ЦЕЛА МАКЕДОНИЈА

Историскиот пласман на Лина Ѓорческа во главната ждрепка на Вимблдон не остана незабележан ниту од најтрофејниот тенисер во историјата, Новак Ѓоковиќ.

Српската тениска легенда, одговарајќи на прашање на дописникот на Макфакс, упати искрени честитки до македонската тенисерка и истакна дека нејзиниот успех може да има огромно значење за иднината на тенисот во Македонија.

Го следев нејзиниот настап кога се квалификуваше. Големи честитки за неа и за македонскиот тенис, кој испишува историја на овој Вимблдон. Се надевам дека ова ќе биде успех кој ќе им ги отвори вратите на младите и ќе им покаже на сите во Македонија дека е можно да се успее.

Тој направи паралела со развојот на тенисот во Србија, посочувајќи дека и неговата земја поминала низ тежок период, но дека успесите на поединци подоцна инспирирале нови генерации.

Ѓоковиќ откри и дека има голема желба наскоро да ја посети Македонија.

Ми се наближува моментот кога ќе ја посетам Македонија и се надевам дека тоа ќе биде многу скоро, бидејќи навистина имам голема желба да дојдам. Можеби ќе организираме нешто заедно со Лина и со Калин Ивановски, со кого имав можност да тренирам пред Вимблдон во Грција.

Тој додаде дека внимателно ги следи тенисерите од регионот и секогаш се обидува да помогне со совети и поддршка.

Сакам да имаме што повеќе успешни тенисери од нашите земји.

Лина Ѓорческа испиша историја како прва македонска тенисерка што се пласирала во главната ждрепка на еден Гренд слем турнир. Во првото коло на Вимблдон ќе игра против минатогодишната финалистка Аманда Анисимова.