НЕ САМО ШТО „ГИ ОДРА“ И СЕ УШТЕ НАПЛАЌА, ТУКУ НАЈГОЛЕМОТО ПРЕТСТОИ
Објавено на: 12.01.2023
Благодарение на добриот потег при потпишувањето на договорот со компанијата Рибок, Ален Ајверсон се уште ги собира плодовите на потписот и живее на висока нога. Во скоро време, ќе живее уште повисоко. Тој е првиот спортист кој (во 2001-та) потпиша(л) доживотен договор со еден спонзор.

Годишно заработува по 800.000 долари, без да мрдне со малиот прст, потег што му го спаси животот по банкротот. На 55-тиот роденден, Ајверсон, кој сега има 47 години, ќе инкасира 32 милиона американски долари како резултат на споменатиот договор.

Ајверсон влезе во НБА лигата како прв пик на драфтот 1996-та и никогаш не освои прстен, но секогаш беше лидер на културата на постоењето во најсилната кошаркарска лига на светот, со појавата и со ставот кон кошарката како животна ориентација. Моментално, според новиот договор што го потпиша со сопствениците на Рибок, Ален Ајверсон ќе работи со новата групација која го купи овој бренд, како советник за развој.

Приватниот живот на „Одговорот“, е сосема друга приказна. Во текот на кариерата, како еден од другарите кои се заколнале дека ќе ги „гледаат“ другите ако се збогати, а тој беше првиот што заработи многу милиони американски долари (преку 150 за 16 години), Ајверсон ги чуваше дома сите пријатели од маалото, кои практично му беа телохранители, но воедно и беа дел од причините кои му го „исцицаа“ богатството.

Како ли ќе советува Ајверсон, кој требаше многу подобро да ги поарчи (оплоди) заработените пари? Или, можеби ќе биде успешен советник кој и тоа колку може да раскаже како не треба, алудирајќи на фамозното мото „слушајте паталец, а не гаталец“?