Фудбал

ХРОНИЧНАТА БОЛЕСТ ДОЈДЕ ПО НАПЛАТА, ЛЕГЕНДАТА НА СЕВИЉА НАЈАВИ ПОВЛЕКУВАЊЕ

Хесус Навас со сите сили се бори да издржи до декември пред официјално да се пензионира. Хроничната болест му прави огромни проблеми по секој натпревар и сѐ помалку може да ги издржи болките.

Навас има артритис на колкот, поради што не ќе може да го дочека крајот на оваа сезона како активен фудбалер на Севиља, а се очекува да добие друга улога во клубот со оглед на тоа дека е легенда на Андалузијците.

„Се надевам дека ќе издржам до декември. Болките веќе не можам да ги трпам, по секој натпревар не можам да се движам дури по 2-3 дена. Со оваа болест се борам веќе четири години, но сега стана неподносливо. Многу ми е жал што не можам повеќе да му помогнам на тимот, но ова е одлука која морав да ја донесам за моето здравје, но и за моето семејство“, истакна Навас за шпанските медиуми.

Шпанецот кој во кариерата играше и како десно крило пред да биде прекомандуван на позиција десен бек, запиша над 870 настапи за Севиља и Манчестер сити, додека за Црвената фурија одигра 56 натпревари, а беше дел и од националниот состав кој летово ја освои титулата на Европското првенство.

Навас зад себе има бројни трофеи, а исто така играше за Шпанија во златната генерација која освои две европски првенства едноподруго, а меѓу нив и Мундијалот во 2010 година.