МРМЕ ДАДЕ ОСТАВКА ОД ЕТНИКОС АХНА, ДАЛИ ПОДГОТВУВА КАМБЕК КАКО СЕЛЕКТОР?
Објавено на: 14.12.2025
Петте порази по ред и падот во зоната за испаѓање го означија крајот на авантурата на Игор Ангеловски Мрме на клупата на кипарски Етникос Ахна. Поранешниот македонски селектор утрово одржал состанок со раководството на клубот, по кој поднел оставка од функцијата прв тренер, ставајќи крај на мандат што траеше нешто помалку од два и пол месеци.
Серијата неуспеси против Аполон, Омонија, Олимпијакос Никозија, АЕК Ларнака и Хлорака се покажа како пресудна. Иако очекувањата при неговото доаѓање беа стабилизација на клубот и бегство од долниот дел на табелата, резултатите не одеа во таа насока, а притисокот стана преголем.
Ова е уште една епизода што ја потврдува тешкотијата на Ангеловски да се задржи подолго време на клупски план во странство по заминувањето од селекторската позиција. По краткиот ангажман во хрватска Горица, потоа и во казахстански Каспиј, Етникос Ахна е трет клуб каде што престојот траеше само неколку месеци. Единствениот подолг и стабилен проект во неговата кариера останува периодот во Работнички, а секако и најуспешниот оној со македонската репрезентација.
Затоа по овој редослед на настаните, логично се наметнува прашањето: дали оставката од Етникос Ахна е само крај на уште еден неуспешен клупски експеримент или пак, тивка подготовка за можно враќање на селекторската позиција? Во моменти кога репрезентативниот фудбал повторно бара стабилност, искуство и авторитет, името на Игор Ангеловски неминовно повторно се појавува во јавните дискусии.