Фудбал

МОЖЕЛО И ТАКА: ГЕРМАНЕЦ ЌЕ ИГРА ЗА СРБИЈА

Српската фудбалска федерација извојува значајна битка за зајакнување на своите редови – со еден од фудбалерите коj ги помина сите старосни селекции на германската репрезентација, но во последен момент сепак реши дека ќе настапува за сениорскиот тим на Србија.

Договорот е потпишан и се чека уште согласноста на ФИФА за Лазар Самарџиќ, кој игра за Удинезе. До скоро, истиот фудбалер изјавуваше дека се чувствува повеќе како Германец отколку како Србин, но по долгите и исцрпувачки повеќемесечни преговори на неговото семејство со селекторот Драган Стојковиќ Пикси и директорот Стеван Стојановиќ, случајот завршува во полза на нашиот северен сосед.

Лазар има 21-на година, роден е во Берлин од татко кој е босански Србин. Играше за младинските школи на Херта, а првите сениорски минути ги доби во Лајпциг. Од 2021-та година игра во Италија, каде првата сезона не успеа да се наметне, но во оваа е еден од главните играчи на клубот од Удине. За него се интересираше и Милан.

Но, Србија има и проблеми со ангажманот на „своите“ фудбалери, кои се родени во странство и се решаваат да играат за други репрезентации и покрај српското потекло, како што е на пример Стефан Бајчетиќ, кој е роден во Виго и најверојатно ќе продолжи да игра и за сениорската селекција на Шпанија. Истиот проблем го има и Македонија и ако ги наброиме сите светски фудбалери кои настапуваат за силните екипи, а имаат корени од Македонија, ќе добиеме селекција достојна за секое големо натпреварување.