САМО ТРОЈЦА ИГРАЧИ СЕ СИГУРНИ ВО ЈУНАЈТЕД, ОСТАНАТИТЕ СЕ НА ПРОДАЖБА
Објавено на: 30.04.2024
Манчестер јунајтед има шанса со трофеј да ја заврши сезоната, доколку го добие градското дерби против Манчестер сити во финалето од ФА Купот, но и во тој случај не може да се каже дека најтрофејниот англиски клуб би имал успешна сезона.
Потребни се промени, како во играчки, така и во тренерски кадар, а веќе се најавени бројни освежувања. Позицијата на Ерик Тен Хаг не е сигурна без разлика дали Јунајтед ќе го освои ФА Купот, наводно му се подготвува отказ, а Томас Тухел засега е кандидатот со најголеми шанси да биде нов менаџер на популарните Црвени Ѓаволи.
Што се однесува до тимот, само тројца фудбалери имаат сигурен статус, останатите се слободни да го напуштат клубот. Расмус Хојлунд, Алехандро Гарначо и откритието на сезоната, Коби Мајну, имаат иднина на „Олд трафорд“, додека искусните играчи како Варан, Каземиро, Мегваер, речиси сигурно ќе бидат продадени, па дури и Бруно Фернандес доколку стигне прифатлива понуда.
Пред Манчестер е бурно лето во кое ќе се цели на враќање на гигантот меѓу конкурентите за титулата во Премиер лигата.