Фудбал

МАКЕДОНИЈА НА МИЛЕВСКИ – ЕДНА ГОДИНА БЕЗ ПОРАЗ

Фудбалската репрезентација на Македонија попладнево гостува во Астана каде што ќе ги одмери силите против селекцијата на Казахстан во рамките од четвртото квалификациско коло за Мундијалот 2026.

Пред избраниците на Боби Милевски е историски момент, доколку на „Астана“ арената нашите Рисови останат непоразени, ќе се одбележи една година без пораз на македонската фудбалска селекција. Ова е импресивен рекорд со оглед на тоа дека никогаш претходно Македонија не врзала 10 натпревари без пораз, односно 365 дена без негативен резултат.

Откако Македонија загуби со 2-1 од Чешка во пријателски натпревар на 10 јуни 2024 година, фудбалерите на Милевски забележаа шест победи и три нерешени резултати, од кои два се против Велс и Белгија со идентични 1-1 на Националната арена во Скопје.

Во последните 9 меча (6 победи и 3 реми), учинокот е 15 постигнати и само 3 примени погодоци во мрежата на Димитриевски.

Дуелот Казахстан – Македонија стартува во 16 часот.