ПСЖ Е КАКО ПРАВОСМУКАЛКА, ЧИСТИ СÈ ПРЕД СЕБЕ
Објавено на: 10.07.2025
ПСЖ на Луис Енрике е пред историски момент да ја комплетира сезоната 2024/25 со дури пет освоени трофеи, доколку во недела европскиот првак го совлада Челси во финалето од Светското клупско првенство.
На патот до финалето Парижаните исчистија сè пред себе и досега имаат речиси совршен целокупен настап на клупскиот Мундијал, со 5 победи и само еден пораз, со гол разлика од 16-1. Атлетико, Реал Мадрид, Баерн, Интер Мајами и Сиетл не можеа да го совладаат Донарума, а само Ботафого успеа да го шокира моментално најдобриот тим во Европа.
По вчерашното декласирање од 4-0 над Реал Мадрид, Луис Енрике имаше интересен краток разговор со Клод Макелеле.
„Секој што ве следи како играте, не може да најде решение како да ве спречи и да ве совлада. Твојот тим игра како да е правосмукалка, чисти сè пред себе“, му се обрати легендарниот Макелеле на шпанскиот стратег во интервјуто по мечот, на што Енрике му одговори:
„Имаш ли деца? Ако имаш, знаеш дека тие никогаш не сакаат да престанат да играат. Такви се и моите играчи, никогаш не им е доста од фудбал. Токму тоа и го барам од мојата екипа, истото го бараат и нашите навивачи, а нам цел ни е да ги направиме задоволни“, се изјасни Енрике.
Финалето ПСЖ – Челси е закажано за в недела во 21 часот.