Фудбал

ВО ЛЕВЕРКУЗЕН СЕ ТРЕСАТ, ОСТВАРЕН Е ОФИЦИЈАЛЕН КОНТАКТ ЗА УСЛУГИТЕ НА ЧАБИ АЛОНСО

Чаби Алонсо е откритието на сезоната поради успесите кои ги реди на кормилото на Баер Леверкузен. Бројни европски гиганти веќе го таргетираа како нивен иден тренер, а познато е дека желба на Чаби е да води еден од неговите три поранешни клубови, Реал Мадрид, Баерн Минхен и Ливерпул.

Па, еден од нив веќе оствари официјален контакт со управата на Леверкузен, барајќи дозвола да преговара со Алонсо околу евентуален ангажман.

Германскиот весник „Билд“ известува дека станува збор за Ливерпул, чија управа во Алонсо гледа како идеален наследник на Јирген Клоп. Црвените од Мерсисајд први повлекоа потег, за разлика од Баерн Минхен од каде посочија дека нема да иницираат ништо додека не заврши актуелната сезона.

Во таборот на Фармацевтите се надеваат дека Алонсо ќе остане достоен на зборот и дека нема да замине по крајот на оваа сезона, односно ќе го испочитува важечкиот договор до јуни 2026 година. Воедно, треба да се знае дека Алонсо има клаузула од 15 милиони евра во договорот, како заштита токму од понуди како оваа од Ливерпул.

Инаку, Алонсо го презеде Леверкузен кон крајот на сезоната 2022/23, а оваа сезона тимот е на пат да ја освои Бундеслигата и да ја прекине доминацијата на Баерн Минхен.